ПОУЧНА ПРИКАЗНА: ПОБЛАГОСЛОВЕН Е ОНОЈ ШТО ДАВА, ОТКОЛКУ ТОЈ ШТО ПРИМА


ПОУЧНА ПРИКАЗНА: ПОБЛАГОСЛОВЕН Е ОНОЈ ШТО ДАВА, ОТКОЛКУ ТОЈ ШТО ПРИМА

Некој млад студент тргнал на прошетка со својот професор. Додека шетале и разговарале, на спротивната страна од патот здогледале еден пар стари чевли, што по сè изгледа припаѓале на некој сиромашен селанец, кој работел во близина во својата нива и веќе привршувал со својата работа.

Студентот му рекол на професорот: „Ајде да се пошегуваме со овој селанец. Ќе му ги сокриеме чевлите а потоа ќе се засолниме зад грмушките и ќе посматраме што ќе направи, додека ги бара.“

Професорот му одговорил: „Момче, никогаш немој да се шегуваш на сметка на туѓата неволја и беда. Но бидејќи си богат, можеш да си причиниш поголемо задоволство од ова. Стави по една златна паричка во секој чевел, а потоа ќе се сокриеме во грмушките и ќе ја набљудуваме неговата реакција.“

Студентот направил така и обајцата се сокриле зад некоја грмушка во близината. Селанецот ја завршил својата работа и наскоро дошол од полето до местото каде што ги имал оставено своите чевли и своето палто. Додека го облекувал палтото, едната своја нога ја ставил во чевелот и почувствувал дека има нешто во него. Прво помислил дека е камче, но набрзо сфатил дека тоа е златна паричка.

Сиот зачуден го погледал златникот, се завртел наоколу и потоа замислено го набљудувал некое време. Повторно се свртел наоколу, но не видел никого. Ја ставил паричката во џебот и тргнал да го облече и другиот чевел. Но на свое големо изненадување, и во него пронашол златник. Наеднаш го совладале чувствата и тој паднал на колена, ја подигнал главата кон небото и започнал да кажува молитва во знак на благодарност. Во својата молитва тој спомнал за својата тешко болна и беспомошна жена, за своите деца кои немаат ни леб за јадење, а сега благодарение на невидливата рака која му ги испрати златниците, најпосле ќе бидат спасени.

Студентот стоел длабоко трогнат и со солзи во очите.

Професорот го прашал: „Да се пошегуваше со него, како што намераваше, зарем тоа ќе те направеше посреќен отколку што си сега?“

Младиот човек одговорил: „Професоре, ми дадовте лекција што никогаш нема да ја заборавам! Сега навистина ги разбирам зборовите што претходно не ги сфаќав: Поблагословен е оној што дава, отколку тој што прима!“

Затоа кога можеш да направиш добрина, не жали поради тоа. Само следи го патот на вистинските вредности.

Зоран Џорлев

превод на хрватски
превод на српски

 

Global Media Planet INFO

DMCA.com Protection Status


Facebook Comments

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*